Денешниот ден донесе уште едно големо изненадување на фудбалскиот мундијал, откако фаворитот Белгија загуби на домашен терен од селекцијата на Мароко со 0-2. Белгијците со многу среќа во првото коло ја совладаа Канада, но денеска беа казнети за новото бледо издание, претрпувајќи неочекуван пораз со кој си ги загрозија и шансите за пласман во осминафиналето од овој мундијал.
„Црвените ѓаволи“ беа на посакуваното ниво само во првите петнаесетина минути, кога целосно ја префрлија играта во противничкиот шеснаесетник, но иницијативата не успеаја да ја претворат во водечки погодок. Како што одминуваше времето, така Мароко се повеќе добиваше на сигурност во својата игра, Хакими пропушти убава шанса за 1-0, а потоа пред самиот крај на првото полувреме африканската селекција постигна и водечки погодок што беше поништен со ВАР поради офсајд.
Куртоа имаше многу среќа во оваа ситуација откако не го процени најдобро летот на топката по скратениот корнер на Зијеш, а голманот на Реал Мадрид идентично потфрли во 73. минута, кога по центаршутот на Сабири топката ги прелета сите и заврши во мрежата на Белгија.
Европскиот гигант се обиде да се врати во мечот, во игра влезе и Ромелу Лукаку, но Мароко не само што знаеше да ја задржи предноста, туку постигна и втор гол – Абукхал прекрасно биеше казнувајќи ја заспаноста на белгиските дефанзивци, за триумф со кој Мароко се искачува на првото место во својата група, пред мечот што треба да го игра со Канада во рамките од третото коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА