Нова сензација во Копа дел реј: Уникаха по Барселона, го елиминираше и Реал Мадрид

Уникаха е тимот предодреден за сензации во шпанскиот кошаркарски Копа дел реј, откако тимот од Малага во голем стил се пласираше во големото финале, за три дена успевајќи да ги земе скалповите на големите фаворити Барселона и Реал Мадрид. Откако во четвртфиналето со драматичен финиш ја шокираа Барса, кошаркарите на Уникаха денеска го надиграа Реал Мадрид, заслужено славејќи со убедливи 82-93.

Првото полувреме мина во израмнета битка, но Уникаха блесна во вторите 20 минути од полуфиналето што се играше во Бадалона, најпрвин ја доби третата четвртина со 20-27, за потоа во завршницата да има и двоцифрена предност, се до конечната убедлива победа над актуелниот шампион на Шпанија.

Кравиш со 20 и Осатковски со 14 поени беа најефикасни во победничкиот табор, додека една од главните причини за поразот на Реал беше катастрофалниот шут од далечина (3/21).

Ривал на Уникаха во големото финале ќе биде подобриот од вечерашното полуфинале меѓу домаќинот Хувентуд и екипата на Тенерифе.

Се вчитува...