Нова сензација во Купот на Италија: По Наполи, елиминиран и Интер

Осминафиналето во Купот на Италија се покажа како сериозен проблем за фаворитите, откако вчера елиминиран беше Наполи, а денеска истата судбина го снајде и бранителот на трофејот Интер. „Нероаѕурите“ ја имаа улогата на домаќин против Болоња, но не искористија неколку шанси во регуларните 90 минути, па беа елиминирани по продолженија губејќи со 1-2.

Инзаги го изротира стартниот тим, но и со комбиниран состав домашната екипа беше подобра на теренот, креираше шанси што не успеа да ги претвори во гол. Најубавата можност во вториот дел ја пропушти Лаутаро, кој не успеа да реализира пенал за „нероаѕурите“. Згора на тоа, Аргентинецот во текот на овој натпревар заработи и повреда, мораше да биде заменет, па најверојатно сега и ќе мора да отсуствува извесен период од теренот.

Интер конечно поведе во 91. минута со голот што го постигна Аугусто, но и тоа не беше доволно за да се стигне до четвртфиналето. Болоња шокираше во второто продолжение, најпрвин Беукема во 112. минута стрелаше прецизно за 1-1, пред Ндоје да круниса еден одличен контранапад со гол за целосен пресврт.

Болоња за противник во четвртфиналето ќе ја има Фиорентина.

Се вчитува...