Тимот на Мекларен ни оваа година не ја прекрши традицијата на стартот на претсезонските тестови за претстојната сезона во Формула 1. Британскиот тим се соочи со технички проблеми уште пред да почне реалната работа на новиот болид на патеката „Каталуња“ кај Барселона.
Иронично е што уште на првиот ден од заедничката работа со Рено, пропуштените часови на тестовите загрижувачки потсетуваат на кошмарните три години што ги имаше Мекларен со моторите на Хонда. Фернадо Алонсо уште на шестиот круг, остана без задното десно тркало на својот нов болид MCL33, поради што загуби контрола над возилото на последниот свиок и го заврши првото тест-возење во песокот на заштитниот дел од патеката.
Од Мекларен потврдија дека на механичарите ќе им требаат неколку часа за да го вратат болидот повторно на патеката, но дека нема по секоја цена да ризикуваат со безбедноста на возачите додека не бидат стопроцентно сигурни во исправноста на болидот.
Според првичниот план на Мекларен, Алонсо на првиот ден од претсезонските тестови требаше да извози околу 100 круга на патеката. Но, исто како и во минатата година, и овој пат плановите и реалноста во Мекларен се разминаа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА