Барселона се наоѓа во крајно тешка и неизвесна трка за да го задржи Дани Олмо, откако денеска беше одбиен и последниот обид по судски пат да биде регистриран големиот ас кој летово пристигна од редовите на Лајпциг.
Каталонците се жалеа на претходната судска одлука, откако Барса не доби зелено светло од Ла Лига за регистрација на Олмо и Пау Виктор. Лапорта веруваше дека со составената финансиска конструкција ќе добие судска дозвола, но тоа не се случи, а апелација денеска само ја потврди првичната одлука што судот ја донесе пред неколку дена.
Ова практично значи дека првиот човек на Барса има само 24 часа да најде нов капитал и да приложи доказ до Ла Лига, за до крајот на оваа календарска година да може да го регистрира Олмо за вториот дел од сезоната. Доколку тоа не се случи, шпанскиот репрезентативец по автоматизам ќе стане слободен играч и без никаква отштета ќе може да ги смени клупските бои, пет месеци откако Барса плати 65 милиони евра за да го доведе од Лајпциг.
Последна шанса за Лапорта е комплетирање на продажбата на ВИП-ложите за наредните 15-20 години, за што каталонците би требало да заработат над 100 милиони евра. Трката со времето ја прави тензијата уште поголема, бидејќи нема гаранција дека Ла Лига ќе прифати било каков друг аргумент освен потпишан договор за оваа бизнис-зделка, па првиот човек на Барса ќе мора што поскоро да го финишира овој „дил“, или да загуби богатство од слободниот трансфер на Олмо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

