Екипата на Вецлар во чии редови настапува Филип Кузмановски, а помошен тренер е Филип Миркуловски, дојде до нови значајни бодови во Бундес-лигата, со гостинскиот триумф над Балинген изразен со резултат 27-30.
Ракометарите на Вецлар одиграа слабо прво полувреме во кое се најдоа во негатива од три гола (13-10), но затоа беа далеку подобри во вториот период од мечот, на десет минути пред крајот Вецлар го сврте резултатот во своја полза, имаше предност до самиот крај и заслужено стигна до триумф.
Филип Кузмановски повторно немаше преголема улога, го заврши мечот без постигнат гол, со само еден упатен удар кон противничкиот голман. Најефикасни во таборот на Вецлар беа Новак со девет и Рубин со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА