Поранешниот прв светски рекет, Новак Ѓоковиќ, со поразот во второто коло во Барселона, го забележа најлошиот старт на сезона во својата професионална кариера.
Поразот од Мартин Клижан во Барселона, за српскиот тенисер беше петти во десет натпревари во 2018 година. Ѓоковиќ од почетокот на сезоната имаше проблеми со лакотот и се уште се мачи да влезе во вистинската форма.
Не му помогна многу ни шестмесечната пауза во втората половина од 2017, болките во раката на Австралија Опен го натераа да го реши проблемот со хируршка интервенција, но ни после операцијата и периодот за рехабилитација, Ѓоковиќ е далеку од посакуваниот ритам.
Србинот беше поразен во првите мечеви на Мастерс турнирите во Индијан Велс и во Мајами, потоа во третата рунда во Монте Карло, а сега и во второто коло во Барселона, што му беше прв меч на овој турнир после 12 години.
„Жал ми е што не ги исполнив очекувањата, ни на навивачите, ни моите лично. Не бев на потребното ниво, а признавам, тешко е да се носиш со вакви натпревари и со поразите. Јас и понатаму ќе се обидувам, ќе видиме каде ќе ме однесе сето тоа. Може да работиш добро и силно на тренинзите, но мечевите се нешто друго. Сменив некои детали, но тие детали влијаат на играта. Мора да бидам трпелив и да продолжам да работам. Тоа е единствениот пат“ – вели Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА