На девет дена пред стартот на Светското првенство во Франција, машката ракометна репрезентација на Македонија ќе ја има првата проверка, денеска (17.45) во „Кале“ против селекцијата на БиХ. Ова ќе биде прв од трите закажани контролни натпревари со БиХ и единствен што ќе биде отворен за јавноста.
Македонските ракометари во Маврово ја одработеа првата фаза од подготовките, по што беше направена и првата селекција. По дводневната празнична пауза, на репрезентацијата и се приклучија повратникот во националниот состав, Филип Миркуловски и голманот Никола Митревски. Голманот на Бенфика беше изоставен од составот на стартот од подготовките, а потоа дополнително повикан од селекторот Лино Червар да му се приклучи на националниот тим пред настапот на СП. Иако го пропушти првиот дел од подготовките со репрезентацијата, Митревски вели дека искуството му помага брзо да се вклопи во системот на работа.
„Полека се вклопувам во новиот систем. Играме сличен систем и во клубот и тоа ми е од голема помош, па така немам поголеми потешкотии да се вклопам во него, иако го пропуштив првиот дел од подготовкиите. Се надевам дека се ќе се одвива добро“ – вели Митревски.
Денешниот прв контролен натпревар со селекцијата на БиХ ќе биде и првата проверка за подновениот состав на македонската репрезентација и за новиот систем на игра што го најавува селекторот Червар.
„Ни претстои првиот подготвителен натпревар со БиХ, добра селекција составена од многу интернационалци. Работиме со висок интензитет на тренинзите. Овие контролни натпревари со репрезентацијата на БиХ ќе ни бидат добра подготовка пред СП, да провериме до каде сме на тактички план“ – истакнува Никола Митревски.
Селекцијата на БиХ предводена од новиот селектор, Билал Шуман, во Скопје ќе настапи во некомплетен состав во кој недостасуваат капитенот Никола Прце, пикерот на Кретеј, Мухамед Торомановиќ и десниот бек на Шамбери, Марко Паниќ. Според информациите од репрезентацијата на БиХ, овие тројца репрезентативци поради напорната клупска сезона добиле продолжен одмор и затоа ќе ја пропуштат скопската турнеја, а ќе се приклучат во репрезентацијата на БиХ за следните два контролни натпревари што ќе ги одиграат во Белград против селекциите на Саудиска Арабија и на Бахреин.
Вечерашниот дуел со БиХ за кој влезот е слободен, ќе биде и единствена шанса за македонската публика да ги поздрави ракометарите пред настапот на СП. Вториот и третиот контролен натпревар со БиХ, на 4 и на 5 јануари ќе бидат од затворен карактер. По овие контролни мечеви ќе биде селектиран составот од 16 играчи за СП во Франција што стартува на 11 јануари. Првиот натпревар на мундијалот, македонските ракометари го играат на 12 јануари против Тунис. Во групата во Мец се уште и селекциите на Ангола, Словенија, Шпанија и Исланд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА