Младата репрезентација на Македонија денеска од 18 часот на стадионот „Караџорџе“ во Нови Сад против Србија го игра седмиот свој натпревар во квалификациите за ЕП.
Откако од поодамна резултатски за нас квалификацискиот циклус е загубен по серијата од пет едноподруго порази, сега новиот селектор Добринко Илиевски со комплетно реновиран состав се впушта во битка за престиж и чест на националниот дрес против големиот фаворит.
„Имаме подмладен состав кој треба да го потврди сопствениот квалитет на вакви силни натпревари. Владее одлична атмосфера во тимот, играчите добро се познаваат од претходни настапи во соодветните наши млади селекции па затоа очекувам и квалитетно издание. Јас силно верувам во оваа генерација. Со добар пристап и максимален ангажман на секој меч верувам во позитивни резултати во иднина“ – вели Илиевски во очекување на дебито на клупата на репрезентацијата до 21 година.
Од комбинација за денешниот натпревар поради повреда отпадна Аломеровиќ. Македонија по шест кола е на последното место во групата 7 од квалификациите, со само една победа против Ерменија, и пет порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА