Салата во Градски Парк која во моментов се реновира и на која како домаќин во иднина ќе игра КК Работнички, ќе биде именувана по легендата на македонската кошарка, Лазар Лечиќ.
Ова доаѓа на предлог на градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, кој днееска имаше средба со ветераните на Работнички, кои го прифатија овој предлог.
„Предложив реконструираната сала да го носи името на Лазар Лечиќ, творецот на македонската професионална кошарка, под чие водство Работнички ги освои титулите во 1963 и 1964 година и се пресели во Првата сојузна лига. Среќен сум што ветераните едногласно го поддржаа предлогот, велејќи дека Лечиќ е човекот што не научи да играме со срце и тимски дух. Во знак на благодарност за сѐ што направија, ветераните ќе имаат и своја ложа наменета токму за нив“, напиша Герасимовски на Фејсбук.
Легендата на кошарката во Македонија Лазар Лечиќ, почина минатата година на 85-годишна возраст. Тој беше и играч и тренер на Работнички, тим со кого ги доживеа најголемите успеси. Добитник е на државната награда „8 Септември“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

