Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, зборувајќи на сите домашни теми од клупскиот и репрезентативниот фудбал, денеска пред македонските медиуми се осврна и не секогаш „болната тема“ околу спортската инфраструктура.
Изминативе години се активираа проектите на стадините во Штип, Кичево и Охрид. Од поодамна се пробиени роковите за пуштање на трибината во Штип, за која се утврдени и бројни недостатоци во изградбата. Сега е со последен рок до 31. јули за финална корекција на сите пропусти утврдени од ФФМ, а доколку истите не се исполнат се најавува и решение преку надлежните државни институции согласно позитивните законски норми во Македонија.
„Проблемот со новата трибина во Штип е што не е завршена. Роковите се пробиени и одбивме да го потпишеме примопредавањето. Платени се сите обврски на федерацијата во износ од близу 2.3 милиони евра. Рокот за предавање е 31. јули 2025 година. Сепак, тоа што може да се види е тоа што има „мал милион“ недостатоци, а потрошени се многу пари. Реално, вака не може да има примопредавање или технички прием, тука нема дилеми. Во случај рокот да не биде запазен, односно да биде пробиен, а според се она што го гледаме тоа ќе се случи, раководството на Фудбалската федерација на Македонија ќе преземе соодветни институционални мерки за неисполнување на договорот. Слична е ситуацијата и со трибините во Охрид и Кичево. Таму веќе имаме нов надзор и во следниот период ќе работиме на алтернативни можности за евентуална завршница на тие инфраструктурни проекти“ – информираше Масар Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

