Новата ѕвезда на Јувентус: Парите ништо не ми значат, не сакам споредби со Дел Пјеро

Младиот крилен напаѓач Кенан Јилдиз , кој неодамна го обнови договорот со Јувентус до 2030 година, објаснува колку лесно му било повторно да им каже „да“ на „бјанконерите“.

Тој рече дека парите никогаш не му биле важни во кариерата, и дека Јувентус е вистинскиот клуб за неговиот напредок.

„Никогаш не сум играл за пари, туку за да се развивам. За мене, довербата е важна и тие секогаш ми го покажувале тоа тука. Се чувствувам одлично. Јувентус отсекогаш ми бил во мислите, а и моите родители го знаеја тоа. Мојата иднина е тука. Не беше така во Баерн Минхен. Бев таму 11 години и секогаш имаше некој подобар од мене, па затоа беше природно да си заминам.“, изјави Јилдиз.

Пред три години, по пристигнувањето во Торино, тој се запозна со Масимилијано Алегри:

„Му должам многу, целиот овој живот, начинот на кој започна. Исто така, сум му благодарен на селекторот на Турција, Винченцо Монтела“.

Фудбалерот роден во 2005 година покажа голема зрелост во своето интервју за „Кориере дело Спорт“:

„Малкумина фудбалери успеваат да го одржат истото ниво на перформанси на 50 натпревари. Нормално е понекогаш да има критики, тоа е работа на новинарите – да пишуваат мислења. Што се однесува до мене, знам дека морам многу да се подобрам. Само погледнете го Кристијано Роналдо , кој на 40 години има фантастичен менталитет.“

Конечно, тој коментираше за споредбата што многумина ја прават – онаа со клупската легенда Алесандро Дел Пјеро:

„Не ми се допаѓа затоа што штотуку почнувам, додека тој е светска легенда, дел од историјата на Јувентус и фудбалот. Сакам да изградам своја историја и да оставам нешто свое зад себе.“

Се вчитува...