Новаци со нов тренер чека помош од Пелистер

По неколкугодишно играње на терените во Третата лига –Југ, фудбалерите на Новаци одново се вратија во единствената Втора лига на Македонија. И со многу среќа, со едно ливче хартија, по ждрепката во просториите на Фудбалската федерација на Македонија. Да се потсетиме на тие драматични моменти за клубот. Најпрвин во баражот за пласман во Втората лига Новаци загуби на пенали од Вардар Неготино кога неговбите играчи не ги реализира последните три удари од белата точка. Остана уште една второлигашка надеж, ждрепката во ФФМ на која учествуваа трите поразени екипи од баражот: Осогово, Новаци и Влазерими. И тука конечно малку среќа за Новаци, кој пред дваесетина години играше и во Првата лига на Македонија.

Неговиот претставник на ждрепката Александар Јовановски имаше среќна рака, го извлече ливчето со бројот 2 кое му донесе голема радост на фудбалерите на Новаци, пласман во Втората лига без нов бараж меч, без нови пенали.

Тие адреналински настани се веќе заборавени, Новаци сега се подготвува за настап во Втората лига, каде е многу потешко да се игра, каде и конкуренцијата е многу посилна од Третата лига.Ангажиран е и нов тренер, искусниот Дарко Крстевски, поранешен фудбалер на прилепска победа од нејзините најубави години, кој со успех го водеше Караорман во измината сезона во Втората лига обезбедувајќи му опстанок. Досегашниот тренер, поранешниот репрезентативец на Македонија Горан Ставревски, во почетокот ќе му помага во работата на Крстевски а потоа заедно со Саше Илиевски ќе ги тренираат младите фудбалери. Од досегашниот состав си замина само Христијан Крклински, кој поради зафатеноста на работното место повеќе нема можност редовно да тренира. Засега ново име е поранешниот играч на Караорман Јасин Ќазиовски, но во Новаци очекуваат помош од Пелистер кој ветил дека ќе му позајми за оваа сезона три до четири фудбалери.

Поголем број фудбалери се вработени, често не можат редовно да тренираат, тоа е голем проблем кој ќе го има тренерот Крстевски, бидејќи сепак ова е Втора лига која бара поголем ангажман на фудбалерите и речиси секојдневни тренинзи што тешкол ќе се оствари.

Но, тренерот Крстевски е оптимист, верува дека ќе се најде решение, освен тоа добро ги познава приликите во Втората лига. На располагање има и искусни играчи меѓу кои се Стефан Стефановски, Андреј Ристевски, Антонио Стојковски, Мартин Кузманов, Христијан Тортевски, Стефан Јовановски, Иве Трифуновски кои се калеа на жешките терени во Третата лига-Југ.

М.Мицковиќ

Се вчитува...