Членот на репрезентација до 19 години, Владан Новевски е вистински предводник на новосадска Војводина во новата сезона низ атакот и за шампионската титула во младинската Суперлига на Србија.
Новевски, кој е капитен на Војводина, по корона-паузата игра во извонредна форма издвојувајќи се како еден од најдобрите фудбалери во српскиот шампионат. Македонскиот фудбалер, партиципирајќи со две асистенции е прогласен од српските медиуми за играч на натпреварот против Раднички Ниш на кој новосаѓани славеа со 2-1. Претходно беше убедливо најдобриот поединец на терен и во ремито на дерби-пресметката со белградска Црвена Звезда, како и на дуелот против Чукарички.
Македонскиот фудбалер, кој веќе е дел и од првиот тим на клубот, е предводник на Војводина во битката за шампионската круна. По девет кола во младинската Суперлига, Војводина со 20 бода е на делба на третата позиција заедно со Партизан, а на само два бода од Црвена Звезда, односно четири од водечкиот тим на Бродарац.
Не е никаква тајна, токму поради изданијата во дресот на Војводина, Владан Новевски е на „мета“ на неколку западноевропски клубови, иако, како што вели, за него фокусот во моментов единствено е продолжување на позитивната серија со актуелниот клуб и битката за врвот во првенството на Србија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА