Пропустите во македонската кошарка се се почести, а последен кој се соочи со казна поради неправилности е КК Мега Баскет од Прилеп кој настапувал со кошаркар кој нема важечки договор со тимот. За истото тимот е исфрлен од натпреварувањето, а казна добија и официјалните лица кои направиле пропуст.
Како потсетување, претходната сезона во плај-аутот Вардар против МЗТ Скопје 2 настапи со играч кој не беше на пријавната листа па службено го загуби натпреварот.
Соопштението на Кошаркарската федерација на Македонија ви го пренесуваме во целост:
„Македонската кошаркарска федерација нема да толерира никакви неспортски појави, без оглед на тоа за кој ранг на натпреварување станува збор, или во примерот на КК „Мега Баскет“ од Прилеп, кој се натпреварува(ше) во Третата лига-мажи.
За работите да станат јасни, екипата на КК „Мега Баскет“ од Прилеп, која се натпреваруваше во групата „Б“ од ова натпреварување во сениорска конкуренција, со одлука на комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, беше исклучена од понатамошното натпреварување!
Одлуката на комесарот за натпреварување, задолжен за регуларност во сите нивоа на натпреварување е целосно поткрепена.
Пред сè, јасна, и е максимално образложена.
Фактите велат дека:
„На натпреварот одигран на 5. март, 2022 година, помеѓу екипите на КК Мега Баскет-Прилеп и КК ИБА Баскет-Скопје, и на натпреварот одигран на 19.март, 2022 година, помеѓу екипите на КК Мега Баскет-Прилеп и КК Албес-Скопје, а по увидот од видео снимките и службената документација од натпреварите утврдено е дека:
-Играчот Митревски Филип игра на натпреварите со број 00, а во записникот од натпреварите со број 00 е пријавен играчот Абрашевски М., лиценца бр. 029299.
-Играчот Митревски Филип не е на листата на одобрени играчи и службени лица за екипата на КК Мега Баскет-Прилеп за сезона 2021/22 година.
Освен тоа, играчот Митревски Филип нема важечки договор со КК Мега баскет – Прилеп за тековната натпреварувачка сезона, 2021/2022 година (може да се констатира во прилог на соопштението).
Многу добро се јасни и Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги.
„Овие два натпревари се регистрирани со службен резултат 20:0 во корист на екипата на КК Иба Баскет, односно екипата на КК Албес, согласно членот 61.8 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги.
Според членот 61.10, екипата која во една натпреварувачка сезона ќе загуби два натпревари, ќе се исклучи од понатамошното натпреварување и следната сезона не може да настапи во истиот степен/лига на натпреварување, туку еден степен на натпреварување пониско“.
Максимална казна добија и делегатите кои несовесно ја извршувале својата должност.
Со оглед на грешките, а поради несовесно извршување на должност, неуредно и непотполно спроведување на одлуки и упаства од комесарот, максимални казни добија и делегатите на натпреварите на кои се констатирани неправилностите на овие неколку спорни натпревари.
„Со забрана на вршење на должност на четири натпревари согласно член 60.1 од Пропозиции за натпреварување, казнети се делегатите (Деспотоски Петар, Цветковиќ Саша и Дамески Александар) кои биле номинирани на овие натпревари во кои се констатирани неправилностите од страна на раководните луѓе, во овој случај членови на стручниот штаб и службениот претставник на КК Мега Баскет-Прилеп, и нивните произволни и невистинити искази, изјави дадени во средствата за јавно информирање, многу извесно, како нивна „заштита“ од она што го направиле, а било утврдено од страна на комесарот за натпреварување.
Како јасна потврда на одлучноста на носење на вакви одлуки кои треба да стават крај на работи кои немаат ништо заедничко со кошаркарската игра, и кои носат само штетни моменти во нашиот спорт“, стои во соопштението на КФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА