Македонскиот првак Шкендија вечерва го игра првиот меч против Лудогорец во рамките од плеј-офот во Лигата на Европа. Тетовскиот тим има шанси да се пласира во второто по ранг клупско натпреварување во Европа, откако беше елиминирана од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите од Карабах со вкупни 6-1.
Новинарот на „Тема Спорт“ од Бугарија, Теодор Борисов специјално за ЕКИПА направи анализа на Лудогорец, следниот противник на Шкендија. Тој вели дека одбраната и прекините се слабата страна на бугарскиот тим, а ја споменува и немањето конкуренција во бугарскиот фудбал со кој овој тим владее веќе 14 сезони.
„Сериозно размислувам дали да им пишам на креаторите на Енциклопедијата Британика и да предложам фотографија од Лудогорец да се постави под текстот за зборот „хегемонија“ во нејзиното следно издание. Она што го прави клубот од Разград во последните 14 години не е видено не само во нашите простори, туку никаде во Европа, а глобално нивниот единствен конкурент е Тафеа од Вануату – остров во Тихиот Океан. Овие години на доминација можат да се гледаат на два начина. Ако ги прашате навивачите на софиски Левски и ЦСКА, ќе ви кажат дека сè се должи на помошта на судиите и водечките фактори во бугарскиот фудбал, па дури и ќе ви кажат дека најголемите ѕвезди на тимот во овој период биле Георги Кабаков, Волен Чинков и Радослав Гиџенов (сите овие се судии) Сепак, ако погледнете објективно, ќе видите дека само во 3 од овие 14 сезони судбината на титулата беше решена во последното коло, а билансот на двата гиганти на бугарскиот фудбал против Лудогорец е индикативен. Левски има 6 победи, 10 нерешени и 28 порази, а ЦСКА – 7/17/25. Денешниот фудбал е главно за пари, а фактот дека сопствениците на Лудогорец, Кирил и Георги Домусчиев, се единствените милијардери во Бугарија, става крај на сите спорови. Проблемот е што Лудогорец 9 години по ред не успева да влезе во групната фаза од Лигата на шампионите, а главната цел на овој проект беше ова да се претвори во традиција, како што се случи на Балканот со Динамо Загреб и Црвена Звезда. Како поединци, тимот од Разград има доволно класни играчи – бугарскиот интернационалец Ивајло Чочев, чиј гол во Будимпешта беше контроверзно поништен, стрелецот на гол за Швајцарија на Евро 2024, Квадво Дуа, кој е повреден, и поранешниот играч на Шалке 04, Бернард Текпетеј. Во исто време, сепак, е премногу далеку од тимот што импресионираше пред една деценија со атрактивен стил и способност да ги надигра најдобрите во Европа. Тимот моментно е без здрав централен напаѓач, а фактот дека против Ференцварош, од својата најчиста позиција, Ерик Биеле ја испрати топката 5 метри покрај голот зборува многу. Ако го погледнете првиот гол на Ференцварош, постигнат од Барнабас Варга, ќе видите дека одбранбената поставеност на Лудогорец е катастрофална и секој попрагматичен тим може да им направи проблем, особено од прекини. Покрај искуството од турнирот, предност за бугарскиот шампион е фактот што Руи Мота успеа да ја елиминира Шкендија со ерменскиот Ноа – тим кој во никој случај не е посилен од Лудогорец. Не знам колку пријателските натпревари се показател, но во подготовките Шкендија ремизираше против ЦСКА, која моментално е на 12-то место во нашето првенство и изгледа светлосни години далеку од Лудогорец. Очекувам конечен успех за бугарскиот тим, но според мене тимот од Тетово ќе ја продаде својата кожа скапо, а хегемонот од Разград ќе мора да вложи максимални напори ако сака да игра во лигашката фаза од Лигата на Европа“, стои во анализата на Борисов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

