Раководството на Милан успеа да му донесе уште едно засилува по желба на новиот тренер Пауло Фонсека откако беше договорена преселбата на „Сан Сиро“ на Емерсон Ројал.
Португалскиот стратег инсистираше на ангажман на офанзивен бек, Ројал беше на врвот на листата со желби поради што веќе десетина дена интензивно се преговараше со Тотенхем за овој играч. „Спарси“ не сметаа на Емерсон како на стандарден првотимец, но сепак успеаја да ја зголемат цената, па од првата понуда на Милан од 10 милиони евра на крајот се согласија на вкупен пакет од 15 милиони евра, пред да дадат зелено светло за Емерсон Ројал да се пресели на „Сан Сиро“.
Фудбалерот во текот на викендов ќе допатува во Милано, по што по лекарските прегледи ќе потпише тригодишен договор со „росонерите“ и ќе му се стави на располагање на тренерот Фонсека.
Новата сезона во Калчо-лигата стартува на 17 август, а „росонерите“ во првото коло ќе го пречекаат тимот на Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА