Горазд Михајлов, еден од нашите најдобри фудбалски тренери, кој од почетокот на годинава потпиша договор со членот на Првата лига на Литванија, клубот Ритериаи за малку ќе приредеше сензација на стартот на новото првенство. Неговиот нов клуб, кој во изминатата сезона преку бараж одвај се спаси од испаѓање беше на прагот на голем подвиг, победа во мечот со повеќекратниот шампион на Литванија Жалгирис. Иако играше речиси со ист состав од минатата сезона, без ветените неколку засилување од новите газди од Холандија, Ритериаи се до 87 минута водеше со 1:0 уште од седмата минута од натпреварот. И тогаш, три минути пред крајот, Жалгирис по голема борба успеа да израмни на 1:1 за да во судиското продолжение, во 92 минута го постигне и вториот гол за победа од 2:1.
Премрзнатите гледачи, навивачите на Ритериаи, со аплауз ги поздравија своите фудбалери на крајот на мечот, како и новиот тренер Горазд Михајлов, на патот кон соблекувалната.
На конференцијата за новинарите Михајов изјави: „Во фудбалот некогаш е потребна и среќа. Ние на овој меч ја немавме. Можеби ќе извлечевме добар резултат, но за жал немаме доволно играчи за ротација така што долго време игравме речиси со една постава. Јас сум горд на играчите, го дадоа својот максимум. Верувам, дека со предвидените три до четитри засилувања, ќе играме многу подобро и поцврсто во одбраната“.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

