Новиот РФМ на испит: Дали Украинецот Горига ќе заигра за Македонија?

Новото раководство на Ракометната Федерација на Македонија го презеде раководењето со најуспешниот спорт во државата пред помалку од еден месец, а претседателот Стефанов и неговите соработници наскоро ќе треба да донесат важна одлука – дали повторно ќе дојде до натурализирање на играч во македонскиот национален тим.

Станува збор за Украинецот Димитро Горига кој од почетокот на оваа сезона ги брани боите на Вардар, играч на позицијата лев бек за кого се погласно се најавува дека би можел во најскоро време да добие македонски пасош. Ова била една од темите на кои раководството на Вардар разговарало со Стефанов при неговата претседателска кампања, барајќи тој да ја аминува одлуката за пасош на Украинецот, што би бил чекор напред за Горига во блиска иднина и да заигра за нашата репрезентација.

Неофицијално, претседателот Стефанов не дал конкретен одговор на ова барање од црвено-црниот табор, па останува да се види во кој правец ќе се одвива ситуацијата во периодот што следи.

Македонија ја финишираше болната фаза на смена на генерации успевајќи притоа да одржи континуитет од настапи на големите натпреварувања. Алкалоид и Е. Пелистер направија вистински потег во клупските политики, давајќи им шанса на македонските играчи да влезат во ритам за сметка на странците, а од тоа дефинитивно профитираше репрезентацијата која се покажа во одлично светло на последниот мундијал во Вараждин. Ризикот е голем, со еден ваков потег да се наруши хармонијата во националниот тим и тимскиот дух што беше на највисоко ниво во јануари годинава.

Вардар неодамна потпиша и нов договор со украинскиот лев бек кој ќе продолжи да ги брани боите на „црвено-црните“ и во новата сезона. Останува да видиме дали паралелно со тоа, тој ќе го облече и дресот на македонската репрезентација.

Се вчитува...