Новиот стадион на ФФМ со капацитет од 12.000 седишта стартува со изградба на средината од 2023 година

Фудбалската федерација на Македонија следната година почнува со изградба на нов репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“ во општина Аеродром. ФФМ заедно со општина Аеродром е носител на проектот, а во изградбата на капиталниот фудбалски објект, исклучително важна е поддршката и од македонската Влада која ќе биде вклучена во проектот.

Проектот за новиот репрезентативен стадион со минимален капацитет од 12.000 седишта е директно поддржан со средства од УЕФА и ФИФА преку програмите за подобрување на фудбалската инфраструктура.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини во интервју за ЕКИПА вели дека очекува почетокот на изградбата да почне кон средината на следната година, откако во периодот кој следи со заеднички сили на ФФМ, Општина Аеродром и Владата ќе се комплетираат неопходните документации.

„Имавме неколку интензивни состаноци со градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, и нашите планови се во прв период да се среди комплетната неопходна документација заедно со Владата и сите државни институции, и тоа заеднички да се заврши до почетокот на следната година. Нашата обврска како федерација е пак во овој период да се презентира идејниот проект до УЕФА, потоа да се премине на основниот проект и мислам дека кон средината на следната година, ако се тече како што треба, да се почне со изградбата на новиот репрезентативен стадион. Сите заеднички, општината, државата и ние како федерација заеднички да изградиме нешто кое ќе остане за спортот и фудбалот. Онака како што заеднички знаеме на терен да ги победиме една Италија и Германија, сега сите заедно со сите сили да реализираме проект кој ќе е од големо значење за фудбалот, но и државата. Да, финансиите би биле од УЕФА, од Хет-трик програмата првично, но наше е тоа да го реализираме на вистински начин во интерес на македонскиот спорт“ – вели Сејдини во интервјуто за ЕКИПА.

Целосното интервју со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија на темите за најуспешната фудбалска година која остана зад нас, за реакциите од ФИФА и УЕФА по големите успеси на Македонија на репрезентативен план, но и за се што ја очекува ФФМ во иднина ќе може да го читате во вторник (17. мај) на ЕКИПА.

Се вчитува...