На мускули, тешко, со многу напор и со уште повеќе среќа, Вардар дојде до ново финале во СЕХА лигата. Прво буквално му се провлече на Нексе во четвртфиналето, а потоа и на Загреб во полуфиналето на Ф4 турнирот во Задар. Малку на искуство, малку поради добрата вечер на голманот, „црвено-црните“ не беа детронизирани уште во полуфиналето.
Сепак, Веспрем во овој момент, за овој Вардар е преголем залак. И веројатно е во право Борко Ристовски кога вели дека ракометарите на унгарскиот тим не се „глобтротери“ и може да бидат победени, но за тоа ќе треба и знаење и поголема воиграност, многу повеќе борбеност, константност во одбраната и функционален напад.
„Ова е нова екипа на која и треба повеќе време, во овој момент, од овој пораз извлекуваме она што треба да поправаме и за нас е тоа многу поважно затоа што не чека Лигата на шампиони. Ако бидеме паметни и научиме од грешките ќе излезе нешто позитивно за нас. Ако може да се извлече нешто позитивно од ваков пораз. Веспрем е поквалитетен, но тоа не значи дека не треба да се борите во одбраната и да бидете и дрски во нападот. Со сета почит кон Веспрем, но тие не се глобтротерс да не може да се победат“ – порача по натпреварот, Ристовски.
По овој финален пораз, прв за Вардар по серијата освоени титули, клубот влегува во новата нормалност. И на неа се чини најтешко се навикнуваат ветераните кои беа дел од трофејната генерација, а останаа да го движат клубот и во новата ера. Иван Чупиќ жестоко, нервозно, дури и малку непрофесионално избувна на тајмаут, Тимур Дибиров збесна во текот на второто полувреме. „Новиот“ Вардар ќе мора многу повеќе и многу подобро. Во спротивно ќе биде бледа сенка на сјајните времиња во кои ги покоруваше регионот и Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА