Турскиот гигант Фенербахче, кој ова лето ни е посебно популарен во Македонија, поради трансферот на македонскиот мегаталент Елиф Елмас, е ривалот на Вардар во плејоф колото во Лигата на Европа. Фенер е 19-кратен првак на Турција, фудбалски гигант во вистински смисол, а во своите редови има мегаѕвезди како Французинот Матју Валбуена, Холанѓаните Робин ван Перси и Грегори ван дер Вил, легендарниот турски голман Волкан Демирел, словачкиот дефанзивец Мартин Шкртел.
Клубот е формиран во далечната 1907 година и оваа година слави 110-годишнина од постоењето. Тренер е Ајкут Кочаман, а минатата сезона ја загуби шампионската титула во Турција од Бешикташ. Но, веќе оваа сезона се надеваат дека по јубилеен 20-ти пат ќе го освојат шампионскиот пехар во турското првенство.
На натпреварите против Штурм во претходниот двомеч од Лигата на Европа, најголем дел од ѕвездите на Фенербахче сепак не беа меѓу првите единаесетмина, затоа што подоцна почнаа со летните подготовки. Но, се очекува Фенер за плејоф колото во најсилен состав да допатува во Скопје. Неизвесен е единствено Холанѓанецот Робин ван Перси, за кого се најавува дека ќе го напушти Истанбул и ќе направи трансфер во Феенорд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА