Италијанскиот гигант Милан уште во текот на оваа седмица би можел да добие нови газди, откако конзорциумот „Инвесткорп“ од Бахраин влезе во завршна фаза од преговорите со актуелните сопственици на клубот. Се најавува дека вкупната вредност на преземањето ќе изнесува 1,1 милијарда евра, а новите газди ќе обезбедат и 300 милиони евра за трансфери во текот на летниот преоден рок.
Паоло Малдини дефинитивно ќе остане на директорската функција и ќе раководи со идните трансфери, откако одлично ја вршеше работата и со ограничен буџет во минатите години.
Според „Газета дело спорт“, прво засилување на Милан во ерата на „Инвесткопр“ се очекува да биде Ријад Марез, алжирскиот интернационалец од таборот на Манчестер Сити. Станува збор за играч за кого тренерот Пиоли и директорот Малдини веќе извесно време имаат високо мислење, но досега немаа финансиска моќ за да го доведат на „Сан Сиро“.
Летово ситуацијата ќе биде поинаква, Милан може без проблем да си дозволи да плати 50 милиони евра, колку што Манчестер Сити бара за Алжирецот, но и да му даде на Марез шест милиони евра годишна плата за да го убеди екс-фудбалерот на Лестер на преселба во Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА