Новите ракометни јунаци ја средија и Унгарија, ќе играат за 9. место во светот

Кадетската репрезентација на Македонија оствари уште еден одличен резултат на СП во Хрватска, откако вечерва по голема борба ја совлада Унгарија со 22-20. Унгарците како големи фаворити влегоа во мечот, но налетаа на извонредната македонска одбрана за која не најдоа одговор, па Стојановиќ, Ангеловски и сите ракометари уште еднаш покажаа дека доаѓа времето на нова генерација која може да се носи, но и да ги победува ривалите од самиот светски врв.

Дуелот го почнавме одлично, поведувајќи со 3-1 во седмата минута, создавајќи им многу проблеми на Унгарците со агресивната игра во одбрата. Македонија водеше и со 5-3, имаше и напад за „плус три“, но потоа дојде до огромен пад во нашата игра, што противникот го искористи за да поведе со 5-8. Македонија конечно погоди од крило и ја прекина серијата на Унгарија, за потоа во одлична завршница да стигнеме и до израмнување од 12-12.

Стојановски погоди од крило за водство од 13-12 на самиот старт од вториот дел, кој мина во знакот на младите маедонски ракометари. Димковски реализираше за 17-15 во 41. минута, а на десет минути до крајот имавме и четири гола предност (21-17). Тогаш дојде до криза во нашата игра во нападот, промашивме и два седмерци, па противникот опасно се приближи на 21-20, резултат при кој Унгарците не реализираа и неколку напади за израмнување.

На крајот, Димковски изнуди пенал во 59. минута што Калајџиeски го претвори во погодок за печат на триумфот, во кој за МВП беше избран голман Галевски.

Македонија до крајот на овој мундијал ја очекува уште еден натпревар, дуелот за деветтото место на СП против селекцијата на Чешка, која денеска славеше со 36-33 против Саудиска Арабија.

Се вчитува...