Дирк Новицки стана првиот странец во историјата на НБА-лигата што успеал да постигне 30.000 поени во елитното светско кошаркарско друштво. Германецот оваа бројка ја заокружи на дуелот со ЛА лејкерс што неговиот Далас го доби со 122-111, пред се благодарение на фуриозниот старт на Новицки. Тој постигна дури 18 поени во првата четвртина, по што на самиот старт од вториот период со својот препознатлив „шут од вртење“ да стигне до 30.000 поени во кариерата, приклучувајќи се на ексклузивното друштво на уште петмината кошаркари кои успеале во тоа: Карим Абдул Џабар, Карл Мелоун, Мајкл Џордан и Вилт Чембрлен.
„Ова е луда авантура со многу растови и падови, но вие фановите секогаш бевте тука за мене и за тимот. Благодарен сум ви поради тоа“ – им се обрати Новицки на навивачите по големото остварување.
Расел Вестбрук постигна рекордни за него 58 поени во кариерата, но и тоа беше недоволно за Оклахома сити да слави на домашен терен над Портланд (121-126). Колективната игра на гостите се покажа „поголема“ од индивидуалните квалитети на Вестбрук, а пресудна беше третата четвртина што гостите ја добија со 25-38, го свртеа резултатот во своја полза и ја чуваа предноста до самиот крај.
Вашингтон прокоцка 22 поени предност, па мораше во драматичен финиш повторно да го крши отпорот на аутсајдерот Феникс за да стигне до победа на првото од петте гостувања во низа. Бојан Богдановиќ уште еднаш се покажа како одлично засилување постигнувајќи 29 поени, два повеќе од Бредли Бил.
Резултати НБА:
Далас – ЛА лејкерс 122-111, Феникс – Вашингтон 127-131, Оклахома сити – Портланд 121-126.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА