Нокаут фазата донесе многу изненадувања на Светското првенство во ракомет што се одржува во Франција. По Данска, елиминирана е и Германија, и тоа од Катар со 22-20, кој играше многу променливо во групната фаза. По олимпискиот шампион, и европскиот првак ги заврши настапите на мундијалот во осминафиналето.
Германците не одиграа според очекувањата, на полувремето заминаа со предност од 10-9, а и во вториот дел имаа и четири гола позитива (17-13). Но, во завршницата Шариќ бранеше извонредно на голот на Катар, на спротивната страна Капоте постигна два важни гола, прво за израмнување (20-20), а потоа и за водство на својата селекција. Германија не успеа да го реализира последниот напад, и тоа значеше огромен триумф за Катарците. Во четвртфиналето тие ќе ги одмерат силите со селекцијата на Словенија.
Рафаел Капоте со девет постигнати гола беше најдобар поединец во катарската репрезентација на оваа средба. Даниел Шариќ имаше 15 одбрани на голот на Катар, а на Германците не им помогнаа ниту 19-те одбрани на голманот Андреас Волф. Не беа расположени во нападот, а најефикасни со по четири гола беа Патрик Грецки и Холгер Гландорф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА