Ново „дерби“ – Пеце vs Владо, на 11.февруари: Закажано Вонредно собрание на МКФ

Вонредно Собрание на Македонската кошаркарска федерација ќе се одржи на 11.февруари, откако на денешната седница на Управниот одбор на федерацијата е прифатена иницијативата на Владо Илиевски. Тој поднесе инцијатива до УО на МКФ, по што блиското опкружување на претседателот Петар Наумоски мораше да се состане и да одлучува по неа. Иако со натегање, прифатен е крајниот датум, максимален 30-дневен законски рок, за организација на Вонредно собрание, кое најверојатно повторно ќе се одржи во „Сквер 21“ во Скопје.

На Вонредното собрание ќе се гласа за (не)доверба на актуелниот претседател на МКФ, Петар Наумоски, а според поднесената инцијатива и собраните потписи од клубовите, главен фаворит да седне на неговото место е Владо Илиевски. Сепак, не се исклучува можноста до одржувањето на Вонредното собрание да се појави и уште еден кандидат.

На дневниот ред на седницата ќе бидат поставени и точките од редовното годишно собрание кое се одржа на 25. декември 2017 година, но беше прекинато. Како дополнителна точка на дневниот ред ќе биде поставена точка за гласање на доверба на претседателот.

Се вчитува...