Ново фијаско на Јунајтед – пораз и во Нотингем

Манчестер Јунајтед повторно ги разочара своите фанови откако загуби со 2-1 на гостувањето против Нотингем Форест, уште еден јасен доказ за огромната криза во која се наоѓа најтрофејниот англиски фудбалски колектив. „Црвените ѓаволи“ одиграа уште едно катастрофално гостување во кое за промена постигнаа барем гол, но не можеа да избегнат пораз, што дефинитивно повторно ќе го зголеми притисокот врз Ерик тен Хаг.

Првото полувреме донесе неинтересен фудбал, откако Јунајтед повлечено се бранеше во сопствената половина, а домаќините не успеаја да најдат начин посериозно да го загрозат голот на Онана.

Дека вторит дел ќе биде многу поинтересен стана јасно по само неколку минути игра, откако Далот шутираше опасно, но ударот заврши само во гредата од домашниот голман. Нотингем прв стигна во водство, по една одлична акција по која Домингез прими топка на петнаесетина метри од противничкиот гол и мајсторски ја смести во мрежата.

Јунајтед делуваше загубено на теренот, но сепак гостите успеаја да израмнат по големиот подарок на голманот Тарнер, чиј лош обид за исфрлање на топката создаде шанса за „црвените ѓаволи“, што Маркус Рашфорд ја претвори во гол за 1-1.

Тарнер сепак се извади само неколку минути подоцна, кога го одбрани опасниот удар на Ериксен од дваесетина метри, Нотингем веднаш тргна во контранапад што Гибс Вајт го круниса со погодок за ново водство на „шумарите“, на крајот се покажа и за конечна победа од 2-1.

Се вчитува...