Ново фијаско: Партизан тоне во дупка без дно

Резултатската криза на Партизан во Евролигата уште повеќе се продлабочи откако „црно-белите“ вечерва загубија во Белград од Фенербахче со убедливи 87-99, петти пораз на АБА-шампионот во последните шест кола. Обрадовиќ експериментираше со поставата, почна без Џонс и Бонга, а Партизан во првите пет минути не постигна ниту еден поен, по што гостите поведоа со 0-14. Фенер имаше и „плус 19“ во првата четвртина, домаќините за момент ја спуштија големата негатива, но турскиот тим со прецизни удари од далечина ги решаваше сите дилеми.

„Црно-белите“ последен пат дојдоа до шест разлика во последната четвртина, но Мели погоди две идентични тројки, следеа нови реализации на Фенер и на крајот убедлив пораз на Жељко Обрадовиќ од неговиот поранешен клуб. Фенер погоди неверојатни 15 тројки од 29 обиди, најефикасни беа Јантунен со 19 и Биберовиќ со 14 поени, додека Стерлинг Браун имаше 27, а Тајрик Џонс 18 поени за домашиот тим.

Олимпијакос ја оправда фаворитската улога славејќи против Париз со убедливи 98-86. Хифи поради повреда го пропушти овој натпревар, но затоа во дресот на Париз блескаше Робинсон со 35 постигнати поени. И тоа беше недоволно за францускиот првак да стигне до сензација, па Олимпијакос рутински триумфираше благодарение на Фурние со 18 и Ворд и Дорси со по 12 поени.

 Басконија пред своите гледачи го декласираше Баерн Минхен со убедливи 95-73, и тоа откако гостите ја добија првата четвртина со двоцифрени 14-26. Сепак, преостанатите 30 минути беа целосно во знакот на шпанскиот состав кој стигна до важна победа. Луваву Кабаро ги предводеше стрелците со 18 поени, 14 реализираше Симонс, а Обст со 14 поени беше прв стрелец на Баерн.

Виртус Болоња славеше на домашен терен над Макаби со резултат 99-89. Карсен Едвардс имаше осум погодени тројки на средината од третата четвртина, потоа промаши се до крајот, Макаби ја искористи ситуацијата за да се приближи, но „болоњезите“ сепак повторно се одлепија во финишот и стигнаа до заслужен триумф.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...