Ако сака да го одбрани трофејот на Светското пренство, Франција ќе мора да најде „лек“ за непробојната одбрана на Мароко вечерва од 20 часот на „Ал Бајт“ стадионот. Французите важат за големи фаворити, но фактот што Мароко има примено само еден (авто)гол во Катар, им дава надеж дека може да дојдат до ново светско чудо. Мароко важи за „убиец“ на фаворитите на ова Светско првенство, ги совлада Белгија, Шпанија, Португалија, не загуби од никого и од тука африканскиот тим ќе се обиде да ја направи сензационална оваа година.
Франција, пак, предводена од Мбапе ја елиминираше Англија на патот до полуфиналето, а ако се пласира во финалето за противник ќе ја има Аргентина на Лионел Меси, кој ќе има последен обид да дојде до големиот трофеј.
Французите ја бранат титулата освоена од пред четири години, откако во финалето во Москва 2018 година ја совладаа Хрватска со 4-2.
„Во Русија ја освоивме титулата играјќи наш стил на игра, но тука покажавме дека можеме да играме и на други начини“, изјави францускиот селектор Дидие Дешамп.
Мароканците се надеваат дека ќе успеат да направат светско чудо и да се пласираат во финалето, а ќе ја имаат поддршката од публиката, со оглед дека има најава дека ќе имаат 30-40 илјади навивачи.
„Драго ми е што целиот свет знае за нашите навивачи. Тоа се лудаци кои ја сакаат својата земја. Ќе имаме поддршка, и тоа значи дека ќе играме како дома, што е важно за нас. Можеби сум луд, но верувам дека во недела ќе играме за пехарот“, рече селекторот на Мароко, Валид Реграгуи.
Мечот почнува во 20 часот, а ќе го суди Цезар Артуро Рамос од Мексико.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА