Ново огромно признание за Ива Пројковска: Суди на Светско првенство во Колумбија

Нашата најдобра фудбалска судијка, интернационалката Ива Пројковска, која се наоѓа во групата на 20 елитни европски судии, од денеска е во Богота, Колумбија каде ќе суди на Светското првенство за фудбалерки до 20 години.

Ова е големо признание што и го укажа судиската комисија на УЕФА на Пројковска, бидејќи во Колумбија ќе судат само пет судии од Европа. Покрај Пројковска тоа се Ивана Мартинчиќ (Хрватска), Јулијана Деметриу (Романија), Марија Фереира (Италија) и Марта Хуерта (Шпанија). На светското првенство на Ива Пројковска, на сите средби што ќе ги суди ќе и помагаат: Сузан Куенг од Швајцарија и Камила Сориано од Италија.

Светското првенство во Колумбија ќе се одржи од 31. август до 22. септември, но сите судии, ги има вкупно 18 од сите континенти ќе мора да допатуваат во Богота до 26 август за да бидат подложени на физички подотовки пред стартот на првенството.

На шампионатот во Колумбија ќе настапат 24 репрезентации, поделени во шест групи. Натпреварите ќе се играат во градовите Богота, Меделин, Кали и Картагена. Ива Пројковска за првпат во својата куса но мошне богата и успешна кариера ќе суди на едно светско првенство. Минатата година беше четврти судија на европското сениорско првенство за жени што се одржа во Шкотска. Во 2019 година беше главен судија на финалниот меч на Европското првенство, фудбалерки до 19 години меѓу Франција и Германија.

М.М.

Се вчитува...