Алкалоид продолжува со апсолутната доминација од својата суперлигашка група откако актуелниот вицепрвак на Македонија на дуелот со Струга (мечот се играше во Автокоманда, но домаќини номинално беа стружани) ја забележа и дванаесеттата победа. Очекувано, искуството од европските натпревари придонесува Алкалоид со високо темпо на игра да доминира на домашната сцена, сценарио што се повтори и на дуелот со стружани што избраниците на Кире Лазаров го добија со убедливи 17-29. Дуелот го одбележа уште маестрално издание на гостинскиот голман Галевски, тинејџерот кој со серијата добри игри се наметнува како еден од најдобрите чувари на мрежата во македонскиот шампиоант.
Натпреварот во Струга беше израмнет само со 4-4, по што Алкалоид заигра на повисоко ниво што домашните ракометари не можеа да го следат. Избраниците на Алкалоиднајпрвин поведоа со 5-7, а клучната серија ја направија откако по оние 7-9 постигнаа пет гола во низа, поведоа со 7-14 и на одмор заминаа со убедливи 8-15. Цврстата одбрана на Алкалоид беше заштитен знак и во второто полувреме, па „сино-белите“ на шест минути до крајот стигнаа до првото двоцифрено водство (14-24).
Галевски бранеше маестрално до самиот крај, завршувајќи го натпреварот со само 17 примени гола за нова двоцифрена победа на Алкалоид.
Најефикасни во победничкиот тим беа Џонов, Младеновиќ и Савревски со по четири погодоци, додека прв стрелец на Струга при денешниот пораз беше Бошњак со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА