Новото „чудо од дете“ со слабо деби во НБА: Ова ми е еден од најлошите мечеви во животот (видео)

Американската јавност со нетрпение го очекуваше дебито во предсезоната на НБА-лигата на Купер Флег, но првиот избор на драфтот одигра далеку под очекувањата од „чудото од дете“, како што е најавуван по феноменалните сезони што ги имаше во дресот на Универзитетот Дјук.

Флег го почна натпреварот со атрактивно забивање, но затоа шутот воопшто не функционираше. Тој го заврши мечот со 10 поени, 6 скокови и 4 асистенции, но и катастрофален шут од 6/21 (0-5 за тројка). Одбрана на Флег во голем дел од натпреварот играше Брони Џејмс, кој на спротивната страна реализираше 8 поени и 2 асистенции.

Без оглед на слабите бројки, американската јавност е импресионирана од големиот талент, кој и покрај своите 206 сантиметри беше користен на бековската позиција од стручниот штаб на Далас, улога што се најавува дека ќе му биде дадена и од Џејсон Кид во текот на сезоната.

Далас го доби натпреварот против ЛА Лејкерс со 87-85, а самиот Флег јасно стави до знаење дека не е задоволен од својата партија.

„Тренерите имаат голема доверба во мене, ми велеа дека сакаат да експериментирам, да пробам некои нови работи, да шутирам што повеќе. Се обидував да бидам агресивен, што е новост во мојата игра. Би рекол дека ова ми беше еден од најслабите мечеви во животот, но победивме и тоа е најважно“, истакна Купер Флег.

Се вчитува...