Наполи се наоѓа во криза, а претседателот Аурелио де Лаурентис настојува со неколку нови засилувања да го разбуди заспаниот тим кој се уште е актуелен шампион на Италија.
„Наполитанците“ веќе ги доведоа Мацоки од Салернитана, Траоре од Борнмут и Нгонге од Верона, а веќе е договорено и четвртото зимско засилување за „сино-белите“. Станува збор за Леандер Дендонкер, белгискиот интернационалец кој настапува како последен играч за врска. Тој е член на Астон Вила, но Де Лаурентис се договори со овој англиски премиерлигаш Дендонкер да пристигне на шестмесечна позајмица, со опција Наполи летово да го откупи неговито договор за девет милиони евра.
Дендонкер најдобрите партии во Премиер-лигата ги имаше како член на Вулверхемптон, во 2022 година од „Молинју“ се пресели на „Вила Парк“, но не успеа да се наметне за место во стартниот тим кај Унаи Емери.
Тој денеска ги минува лекарските прегледи во Италија, по што ќе следи и официјалниот потпис на договорот со Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА