Нухиу горд на Шкендија: Колку е потешка, толку е послатка секоја победа

Ардијан Нухиу има причина за задоволство откако Шкендија во драматичен финиш славеше на гостувањето против Работнички, останувајќи единствен тим со максимален ефект на домашната сцена.

Тетовци до 90. минута беа во негатива од 1-0, но со два гола во судиското продолжение направија фантастичен пресврт за нови три бода.

„Колку е потешка, толку е послатка секоја победа. Фудбалерите покажаа фантастичен карактер, убеден сум дека ова не беше среќа, туку кога играш добро, фудбалот секогаш наоѓа начин да те награди. Денеска ние ја добивме нашата награда, но остануваме цврсто на земја бидејќи сезоната е долга“, изјави тренерот Ардијан Нухиу.

Според него, вчерашното издание против Работнички е најдоброто на тимот на Шкендија од стартот на сезоната.

„Ова можам слободно да го додадам, ова беше најдобриот натпревар од кој јас како тренер сум стопроцентно задоволен. Начинот на кој се движевме во средниот ред, на кој креиравме шанси… сите бевме убедени дека е само прашање на време кога ќе го израмниме резултатот и ќе тргнеме по победата. Покажавме фантастичен карактер и мислам дека заслужено победивме“, истакна Нухииу.

Се вчитува...