Угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ во колумната на еден од своите новинари жестоко го нападна и критикуваше Новак Ѓоковиќ за неговото однесување во последниот период.
Новинарот Брајан Филипс пишува за падот на Новак од првото место на АТП-листата, но и за случувањата на спортски и на приватен план, односот со соработниците, медиумите…
„Ѓоковиќ го следам повеќе од десет години, но ете… никогаш не сум го запознал. Тешко е да го прочитате, што е чудно, бидејќи мал е бројот на тенисери кои изгледаат загрижено и депресивно како него. Гледајќи ги Федерер и Надал, имате јасно мислење за нив, за разлика од Ѓоковиќ. Тој беше кловн, имитираше други играчи за да ги исмејува пред фановите, глумеше повреди, беше моралист, диетален гуру, губитник, генијалец, будала…“ – ја почнува Филипс своjата колумна во „Њујорк тајмс“.
Според него, поразот од Бердих во Вимблдон и предадениот меч е само уште еден доказ за големиот пад на српскиот тенисер.
„Го нема никаде, а истовремено секогаш е тука, како крал на боледување. Беше доминантен, газеше се пред себе, освои четири гранслем турнири во низа, а потоа се тргна лошо, баш од ланскиот пораз од Квери на Вимблдон. Го загуби првото место, беше поразен на стартот на ОИ, па во четвртфиналето на Ролан Гарос. Јасно е дека е незадоволен, а сега на нервозата додаде и еден „див поглед“, што треба да исплаши некого“ – се вели во текстот во тиражниот весник.
Филип се осврнува и на љубовниот живот на српскиот тенисер, поточно на шпекулациите за брачни проблеми поради наводните бројни неверства на Новак.
„Таблоидите фуриозно шпекулираат за неговиот брак, се пишуваат најразлични теории. Мекинро крена прашина кога го спореди со Тајгер Вудс, не знам колку е вистина, но во секој случај падот на Новак е неразбирлив од спортски аспект. Другите тенисери објавуваат мемоари, а Ѓоковиќ пишува книга за исхраната. Секогаш сака да се слика, но камерите да го снимаат само од агол што нему му одговара“ – додава Филипс, кој на крајот констатира дека Ѓоковиќ самиот си го има така уредено „својот свет“, па сега и самиот си е виновен за сето она што му се случува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА