Њукасл го избра новиот тренер, но ќе мора да плати 16 милиони фунти

Њукасл останува најактуелна тема во фудбалска Англија по преземањето на клубот од богатите газди од Саудиска Арабија, кои нема да жалат пари за да создадат тим што експресно би се вклучил во борбата за место во ЛШ, потоа и во битките за трофеи на англиската фудбалска сцена.

До доведувањето на нови фудбалери и стартот на јануарскиот преоден рок има уште повеќе од два месеци, но новите газди сега се фокусирани на ангажман на врвен стратег што ќе биде на чело на овој проект. Според британските медиуми, Стив Брус во следните десетина дена ќе добие отказ, а веднаш потоа на негово место ќе биде анажиран Брендан Роџерс.

Екс-стратегот на Ливерпул сега се наоѓа на чело на Лестер и во претходните две години одби понуди од Арсенал и од Тотенхем за да остане предводник на „лисиците“. Сепак, амбицизниот проект на Њукасл е сериозен предизвик за кој Роџерс смета дека е подготвен, особено ако се знае дека арапските газди му нудат двојно поголема плата од онаа што ја заработува во Лестер.

„Лисиците“ не сакаат да го ослободат својот стратег, но во договорот има клаузула со која Роџерс може да си замине ако некој плати 16 милиони фунти за раскинот со Лестер. Парите не се проблем за Њукасл, па се очекува промената на тренерот да се случи во текот на следната седмица. Во меѓувреме, Роџерс за последен пат би го водел Лестер на дербито со Манчестер Јунајтед, додека Стив Брус ќе биде на чело нa Њукасл на неделниот домашен натпревар против Тотенхем.

Се вчитува...