Њукасл понижен во својот „храм“ од Нотингем Форест

Њукасл цела година се мачи на гостувањата, но „црно-белите“ денеска разочараа и на домашен терен, и тоа против аутсајдерот Нотингем Форест од кого загубија лесно и убедливо со 1-3. Тоа беше меч на кој избраниците на Еди Хау важеа за големи фаворити, но одиграа уште еден катастрофален меч (по оној пред неколку дена во Лутон), со што значително расте и притисокот врз самиот Хау, кој сега се соочува со сериозна опасност од отказ.

А натпреварот почна добро за домаќините, кои ја преселија играта пред противничкиот шеснаестник, успевајќи и први да поведат со пеналот над Исак, што истиот фудбалер го претвори во победнички погодок. Нотингем имаше само една шанса се до самиот финиш од првото полувреме, кога гостите успеаја да израмнат со вториот обид кон противничкиот гол, Еланга одлично истрча еден контранапад и го проигра во празно Крис Вуд, а екс-фудбалерот на Њукасл рутински погоди, не славејќи го голот против својот поранешен клуб.

Овој погодок како целосно да ги исфрли од ритам домашните играчи, кои делуваа непрепознатливо во вториот дел. На спротивната страна, Нотингем мајсторски го користеше просторот, реализирајќи уште два мајсторски погодоци, двата преку Крис Вуд, кој токму на „Сент Џејмс Парк“ го одигра својот најдобар меч во дресот на „шумарите“.

Нотингем со оваа победа се искачи на 16. место на табелата со 17 бода, додека Њукасл по четвртиот пораз на последните пет средби се наоѓа на седмото место на премиерлигашката табела.

Се вчитува...