Њукaсл го „мерка“ Елиф Елмас

Елиф Елмас не се најде ниту на клупата за резерви на премиерниот меч на Лајпциг во 2025 година, јасен знак од тренерот Росе дека не смета на македонскиот репрезентативец и очекува тој да си замине во текот на јануарскиот преоден рок.

Лацио и Наполи будно ја следат ситуацијата на Елиф во Германија, интерес покажуваат и турските гиганти Фенербахче и Галатасарај, но според последните информации Елмас би можел да заврши и во англиската Премиер-лига. Њукасл е тимот што покажува се посериозен интерес за да го доведе „дијамантот“ на „островот“, откако Еди Хау го потенцираше токму нашиот репрезентативец како идеално освежување за средниот ред на „црно-белите“ од „Сент Џејмс Парк“.

Њукасл влезе во одлична форма во последно време, но Хау инсистира дека му е неопходно дополнително засилување за да се вклучи во борбата за Топ 4 и место во Лигата на Шампионите наредната сезона. Елмас дојде во Лајпциг за сума од 24 милиони евра пред една година, но германскиот клуб сега бара „само“ 15 милиони евра за тој да замине со перманентен трансфер.

Останатите заинтересирани клубови подготвија понуди за позајмици, но Њукасл е единствениот тим што искажа подготвеност да плати отштета и да го доведе Елмас со целосен откуп на неговиот договор со Лајпциг. Останува да се види дали овие преговори ќе вродат со плод и Елиф навистина ќе заигра во Премиер-лигата, но едно е јасно – тој ќе мора што поскоро да го напушти клубот во кој не добива шанса да ги покаже своите фудбалски квалитети.

Се вчитува...