Фудбалската Федерација на Македонија заедно со претставниците на двата клуба финалисти, Шкендија и Пелистер, одржа технички состанок на кој е изведен главен заклучок дека нема да се толерираат никакви испади на евентуален национализам и навреди од навивачите кон противничките екипи, за време на финалниот натпревар што ќе се одигра денеска на стадионот „Младост“ во Струмица во 17 часот.На состанокот присустувал и контролор за безбедноста од УЕФА, кој ќе врши мониторинг и за време на натпреварот. Ова треба да биде и еден голем тест дали Македонија ќе може да организира и квалификациски натпревар во иднина на стадионот во Струмица.Главниот судија Александар Ставрев, кој го носи знакот на ФИФА, безусловно и категорично ќе ги следи правилата во три чекори за гарантирање на максимална безбедност при организација на вакви спортски манифестации. Првиот чекор е опомена на навивачките групи, вториот е времен прекин на натпреварот и отстранување на навивачките групи, а третиот е целосен прекин на натпреварот.Ваква ситуација за жал се има случено во минатото, кога на Арената „Филип втори“ во Скопје беше прекинат финалниот меч од Купот на Македонија меѓу Тетекс и Шкендија, по што истиот беше доигран следниот ден без публика.Сите присутни ја истакнаа својата увереност дека сепак вакви несакани инциденти нема да се случуваат на денешното финале и сите апелираат за фер и коректно навивање и спортска борба на теренот.Двата клуба од ФФМ добија по 300 билети за своите навивачки групи како поддршка за денешниот финален натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА