Кошаркарите на Денвер нагетс сега жалат по Јусуф Нуркиќ откако босанскиот центар одигра клучна улога за Портланд во победата од 122-113, во мечот кој значеше и директна битка за осмото место и пласман во плејофот. Незадоволен од малата минутажа што ја имаше во Денвер, Босанецот инсистираше на трејд и му беше овозможено да замине во Портланд, каде Нуркиќ експресно се наметна како еден од главните играчи. МекКалум беше прв стрелец на натпреварот со 39 поени, додека Нуркиќ оствари рекордни за него 33 поени и 16 скокови, со што Портланд го мина Денвер и се искачи на посакуваното осмо место во Западната конференција.
Голден стејт влегува во посакуваниот ритам токму пред крајот на сезоната, откако „воините“ ја забележаа осмата победа во низа, и тоа на жешкиот терен во Хјустон со 106-113. Вицешампионот одигра фантастичен напад во првата четвртина во која постигна 37 поени (20-37), по што рутински ја контролираше играта и резултатот до самиот крај. Стеф Кари беше во главна улога со 32 поени и 10 скока, додека Клеј Томпсон постигна 25 поени. Џејмс Харден беше прв стрелец на Хјустон со 24 поени, премалку за да се земе скалпот на фаворитот.
Вајтсајд со поени со звукот на сирената му ја донесе на Мајами победата на гостувањето во Детроит (96-97), а минимален триумф забележа и Минесота на гостувањето во Индијана (114-115) благодарение на двете слободни фрлања на Рики Рубио на 3,4 секунди до крајот по сомнителниот прекршок што беше досуден врз шпанскиот кошаркар.
Резултати НБА:
Детроит – Мајами 96-97, Бруклин – Филаделфија 101-106, Шарлот – Милвоки 108-118, Индијана – Минесота 114-115, ЛА лејкерс – Вашингтон 108-119, Портланд – Денвер 122-113, Хјустон – Голден стејт 106-113, Атланта – Феникс 95-91.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА