O’Саливен: Сакам да поставам нов рекорд на Светското првенство

Еден од најдобрите снукер играчи на сите времиња, Рони O’Саливен заедно со Стивен Хендри го држи рекордот по бројот на освоени Светски првенства со по седум зад нивното име.

Англичанецот кој долго време се поврзува и со заминувањето во пензија сепак нема ваква намера, туку откри и дека цели кон освојување на рекордната осма титула на престојното Светско првенство кое од 20. април до 6. мај ќе се одржи во Крусибл.

„Сакам да пробам да победам на Крусибл. Тоа е тежок турнир, а 17 дена е долго време. Многу работи можат да се случат. Би сакал да победам барем уште еднаш и да ја освојам осмата титула, но има многу добри играчи и ќе ми биде потребно малку среќа, како и тоа да играм добар снукер во вистинско време“, изјави O’Саливен.

Искусниот 48-годишник оваа сезона не игра на секој турнир, но успеа да освои пет од нив – Мастерсот во Шангај, Отвореното првенство на Велика Британија, Мастерсот, Светскиот гран-при и Светскиот мастерс во Ријад.

Се вчитува...