Тензијата во односите меѓу Пјер Емерик Обамејанг и раководството на Борусија Дортмунд станува се поголема, откако „милионерите“ решија да го суспендираат својот најдобар стрелец пред вечерашниот натпревар со Штутгарт. Клубот не даде детали околу причините, а медиумите шпекулираат дека станува збор за казна поради неговото патување во Барселона, на гости кај поранешниот соиграч Осман Дембеле, кој важи за „непријател“ на клубот поради низата скандали во текот на летото со кои издејствува преселба на „Камп ноу“. Обамејанг заминал во Барселона во периодот кога имаше добиено слободни денови од клубот, па затоа сега не го крие разочарувањето од најновиот развој на настаните.
„Навистина не разбирам зошто сум казнет кога не сторив ништо погрешно. Минатата сезона бев суспендиран бидејќи заминав во Милано прекршувајќи го клупскиот правилник, но овојпат воопшто не стануваше збор за такво нешто. Казнет сум, а никој не ми кажува зошто“ – истакнува Обамејанг.
Со ваквиот развој на настаните се поголеми се шансите Обамејанг во текот на јануарскиот преоден рок да си замине од Дортмунд, а како можни дестинации се наведуваат Ливерпул, Арсенал и Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА