Обединетите за фудбалот предводени од Драган Томовски и Мирсад Јонуз, заедно и со претставници од три општински сојузи, ОФС Тетово, ОФС Битола и ОФС Штип, на два дена пред Собранието на ФФМ одржаа прес-конференција на која потенцираа дека престојното Собрание нема да биде легитимно без делегатите од ОФС Тетово.
Како што е познато, Јонуз беше кандидиран од ОФС Тетово за претседател на ФФМ, но поради нерегуларности на општинското собрание тоа не беше признаено од Фудбалската федерација. Јонуз обвини и дека фудбалот се води со однапред договорени шеми за титули. Наводно, веќе и била ветена титула на Шкендија а на Брегалница и Победа загарантиран опстанок.
„Демократско право на секој човек е да биде кандидиран и да го кандидираат. На 18. февруари има Изборно собрание на ФФМ. Не е можно да се одржат 26 собранија на ОФС кои ќе имаат можност да анализираат. Не сме собрани овде за да рушиме затоа што во македонскиот фудбал се е срушено. Имаше голема желба од многу луѓе да бидам кандидиран, бев избран на легитимен начин а потоа беше експресно поништено собранието во Тетово. Вистинска штета е еден таков регион со толку многу фудбалски луѓе да биде избришан. Олицетворение на работата на ФФМ е А репрезентација… Не дека се фалам ама во мое време репрезентацијата беше околу 70. место а сега е 165. место на ФИФА листата. Се создадоа и тензии, има ветување дека Шкендија ќе биде шампион, дека Брегалница и Победа ќе се изборат за опстанок, и уште што ли не. Така не се работи во фудбалот. Може да кажам дека ние ќе се бориме за промени во ФФМ, ако не сега тогаш за шест месеци“ – истакна поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз, дополнувајќи дека поднел постапка до Управниот суд за одредување времена мерка за неодржување на Собранието на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА