Објавени и цифрите: Мбапе ќе добие 150 милиони евра само за потписот со Реал Мадрид

Не е никаква тајна, Килијан Мбапе на крајот од сезонава ќе си замине од ПСЖ и како слободен играч ќе се пресели во таборот на Реал Мадрид, со што Флорентино Перез ќе си ја исполни повеќегодишната мисија да го доведе францускиот голгетер на „Сантијаго Бернабеу“.

Французинот за својата одлука веќе ги известил и челниците на ПСЖ, на кои им било ставено до знаење дека нема никаква шанса Килијан да го промени својот став како што тоа се случи пред две години, кога во последен момент се премисли и потпиша нов договор со францускиот првак.

Денеска беа објавени и цифрите од неговиот мегатрансфер во Реал Мадрид – Мбапе изненадувачки ќе има плата од „само“ 15 милиони евра по сезона, што е далеку под оние 60 милиони евра годишно што ги заработуваше во ПСЖ. За награда, Реал поради фактот дека доаѓа како слободен играч му обезбеди бонус за потпис од неверојатни 150 милиони евра. Како што јавуваат шпанските медиуми, оваа сума ќе биде поделена на пет годишни рати од по 30 милиони евра што ќе легнуваат на сметката на Мбапе на крајот на секоја сезона што ќе ја завршува како член на Реал. Покрај тоа, голгетерот успеал да се избори и за значаен процент од своите имиџ-права за маркетинг надвор од Шпанија, а ќе има и бонуси за секој освоен трофеј, но и за секое индивидуално признание додека е фудбалер на Реал Мадрид.

Воедно, обелоденето е и до кога ќе се чека на официјализацијата на овој трансфер. Двата тима се уште се дел од Лигата на Шампионите, па Мбапе не сака да се доведува во прашање неговата лојалност и побарал се да биде одложено до моментот кога еден од клубовите не биде елиминиран од елитното европско натпреварување. Кога нема да постои опасност од негов дуел со новиот клуб, ќе биде официјализиран и потписот на Мбапе со Реал Мадрид, во договор со важност до 2029 година.

Се вчитува...