Обрадовиќ: Домашните средби на Партизан станаа нешто повеќе од кошарка…

Партизан славеше на последниот дуел во Евролигата сезонава, триумфирајќи со 11 поени над Валенсија во мечот кој немаше резултатско значење бидејќи „црно-белите“ веќе ги загубија шансите за плејин-доигрувањето.

Жељко Обрадовиќ на прес-конференцијата по натпреварот говореше за разочарувањето од конечниот пласман, но и за гордоста од новите граници што Партизан ги поставува кога станува збор за домашните натпревари на „црно-белите“.

„Јасно е дека самите се исфрливме од позициите да се бориме не за Топ 10, туку за Топ 8, загубивме премногу средби во неизвесни завршници. Најголемата одговорност е кај мене како тренер, но за некоја подлабока анализа ќе ни треба малку повеќе време. Не можам, а да не го споменам она што го доживувам во оваа сала на секој натпревар. Вечерва игравме меч без натпреварувачко значење, дојдоа 19.000 луѓе да ни дадат поддршка, тоа ни значи многу. Мислам дека домашните средби на Партизан станаа нешто повеќе од кошарка, луѓето овде гледаат нешто што го нема никаде на друго место во Европа. Денеска пред мојата куќа случајно ми пријде човек да се фотографира, ми кажа дека доаѓа од Турција, дека навива за Каршијака, но сакал да дојде и да го почувствува она што го имаме во Белград. Луѓе од цела Европа доаѓаат да го гледаат Партизан, бенефит од тоа имаат и градот и државата“, изјави Жељко Обрадовиќ.

Се вчитува...