Поранешниот селектор на Дејвис Куп репрезентацијата на Србија, Богдан Обрадовиќ, за шпанскиот весник АС ја открива позадината на приказната за падот во формата и за проблемите со кои се соочува Новак Ѓоковиќ. Српскиот тенисер изминативе неколку години доминираше во светскиот тенис, делуваше супериорно и моќно, а од минатата сезона е во константен пад. Денес поразите на Ѓоковиќ повеќе не се сензација како некогаш, а Обрадовиќ тврди дека сето тоа е последица на радикалната вегетаријанска исхрана без месо.
„Тој едноставно, ги испразни своите телесни резерви. Јас прв имав проблем со Пепе Имаз околу тоа. Сите тие ментални тренери те тераат да размислуваш што е најважно. А тоа е катастрофа. Еден Мајкл Фелпс ужива додека ги јаде специјалитетите од баба му, а потоа поставува нов светски рекорд. Новак е извонреден човек, но е понесен од чудни теории“ – вели Обрадовиќ.
Тренерот открива и дека Ѓоковиќ конечно се одлучил да го смени начинот на исхрана и се обидува повторно да се врати во старата форма.
„Новак повторно јаде месо, што е добро. Ќе видиме како ќе реагира на тоа. Минатата година со недели не играше, а тоа не е добро. Ги намали тренинзите па почна со тој чуден начин на исхрана, повеќе медитираше отколку што го удираше топчето. Прекина со рутината, а во тенисот и промена на рекетот може да ви ја смени играта. Тогаш замислете како е кога ќе го смените комплетниот пристап“ – истакнува поранешниот српски селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА