Денеска е „Денот Д“ за иднината на Жељко Обрадовиќ во Фенербахче, откако српскиот стратег вчера допатува во Истанбул за средба со првиот човек на турскиот гигант, Али Коч. Обрадовиќ му ја донесе на Фенер единствената европска титула во клупската историја, неговото влијание во турскиот клуб е огромно, но проблем претставуваат – парите. Имено, Коч е цврсто решен да го намали буџетот за наредната сезона, со што се отвора вратата за заминување на Обрадовиќ, но и на дел од клучните кошаркари во тимот.
„Жељко Обрадовиќ има направено многу за нашиот клуб, тој може да остане колку што сака, но треба да знае дека пари како досега – ќе нема. Фенер нема повеќе да има буџет од 30 милиони евра. Сакаме нашиот тренер да остане, минатата сезона тој самиот склопи тим што го нарече најдобар можен, но за жал резултатите не беа најдобри“, изјави Али Коч во пресрет на денешниот состанок со трофејниот стручњак.
Огромни се шансите Обрадовиќ да си замине од Фенербахче и да земе краток одмор во пресрет на новиот предизвик во кариерата. Заедно со него од клубот би заминале и Слукас (во Олимпијакос) и Датоме (во Милано), а во случај на сериозно намалување на платите клупските бои ќе ги променат и Де Коло и Вилијамс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА