Обрадовиќ откри што им порачал на „тепачите“ во Партизан

Неизбежно беше тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ по натпреварот против Спартак во плеј-офот во АБА лигата да говори за своите кошаркари Карлик Џоунс, Исак Бонга и Стерлинг Браун кои на почетокот на неделата учествуваа во улична тепачка во Белград.

Искусниот стратег не го сокри разочарувањето од односот на неговите кошаркари, а откри и што им порачал.

„На почетокот на сезоната на сите им објаснив дека се играчи на Партизан и дека така мораат да се однесуваат на теренот, во ресторан, кафиќ… Сцените кои ги видов ме оставија во шок. Се надевам дека никогаш повеќе нема да се повторат. Разговарав со нив, верувам дека сфатија каква грешка направија и искрено се надевам дека никогаш повеќе во живот нема да направат нешто такво. Клубот има правилник и сигурно ќе бидат санкционирани.

Им кажав дека мораат да бидат свесни дека го претставуваат Партизан и да водат сметка со кого одат, со кого седат, што прават. Што се случувало во текот на ноќта јас навистина не знам, но знам дека тие се одлични момци и не можам да верувам дека го направија тоа што го направија. Сите сме луѓе и грешиме, тие направија голема грешка и се надевам дека такво нешто нема да се повтори“, изјави Обрадовиќ.

Се вчитува...