Жељко Обрадовиќ не го криеше задоволството откако Партизан по голема борба успеа да слави во Подгорица и да поведе со 1-0 во финалната серија од АБА-лигата. Трофејниот стратег сепак беше искрен и призна дека неговиот тим покрај со покажаниот карактер, исто така и со многу среќа стигнал до триумфот ако се знае дека Будуќност имаше огромно водство во финишот.
Црногорците имаа „плус девет“ на две минути до крајот, потоа и „плус осум“ на 58 секунди пред крајот, но Партизан успеа да се врати, со забивањето на Тајрик Џонс го одведе мечот во продолжение, а таму и целосно го скрши отпорот на домашнот тим.
„Треба да се биде искрен и да се каже дека Будуќност имаше добиен натпревар. Им реков и на соработниците во соблекувалната веднаш по мечот, ова е првпат сезонав Партизан да има среќа во финишот од еден натпревар. Будуќност го имаше мечот во свои раце, но тоа е кошарката, непредвидлив спорт, кога мислиш дека нешто знаеш и си сигурен, ќе се случи нешто сосема спротивно. Се виде и по нивните слободни фрлања, колку им е тешко на играчите, колкав е притисокот врз нив. Ние имавме добри моменти во текот на натпреварот, но до победата дојдовме среќно“, искрен беше Обрадовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

